ЗОШТО НОВИОТ ПАРФЕМ НЕ МИРИСА КАКО ОНОЈ ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ?

Во парфемскиот свет секогаш се поставуваат истите прашања:

– Мојот нов парфем мириса различно од оној кој го купив пред две години, дали е оригинал?

– Зошто парфемите не се исти како некогаш?

– Трајноста на новиот парфем е послаба/посилна од онаа која ја знам, зошто?

– Зошто не го носите веќе „тој и тој“ парфем?

– Зошто престанал мојот омилен мирис да се произведува?

Секако, ако сте длабоко навлезени во промените во последните 20 години, тогаш сте информирани за големите измени од 2005 година. Тогаш за првпат се воведоа нови правила во користењето на мирисни состојки и мораше да се произведуваат парфеми според новите закони. Исто така, во овој контекст, ќе го сретнете и поимот „IFRA стандарди“. 

IFRA СТАНДАРДИ

IFRA е кратенка од International Fragrance Association и кај нив се дефинира фер користењето на состојки за парфеми и други мирисни производи, со цел да се обезбеди безбедност и заштита како на корисниците, така и на природните мирисни ресурси. 

Во раните 2000-ти, тие ја ограничија, а некаде и забранија употребата на природни парфемски состојки поради две најосновни причини:

  1. Заштита на корисниците од состојки кои предизвикуваат кожни алергии, иритации или други посериозни здравствени проблеми.
  2. Заштита на загрозените природни ресурси. 

Најпрви на „удар“ беа мовта (oakmoss) како високо алергена состојка, а која беше неизоставен дел од некогашните парфемски бомби, а потоа и анималните ноти civet и castoreum, кои доаѓаат од одредени излачувања на некои животни. 

Овие ноти всушност ги правеа vintage парфемите нападни и трајни, па производителите беа ставени пред свршен чин – или да ги заменат со синтетички или да го прекинат производството на парфемот. 

Ова е една од причините зошто вашиот омилен парфем од 90-ти и рани 2000-ти веќе не се произведува, или пак ако се произведува, зошто не мириса исто како во тој период. 

НО, ЗОШТО ИМА РАЗЛИКИ И ВО ПОНОВИТЕ ВЕРЗИИ?

IFRA секогаш будно ја следи состојбата со изворите на мирисни ноти, со синтетичките алтернативи и долгорочниот ефект кој го имаат врз луѓето. Со тек на време, дури и некои од тие вештачки ноти, кои мирисаат идентично на природниот извор, се покажало дека всушност, се токсични или на некој начин штетни, било за луѓето или за околината. 

Ова е главната причина зошто истиот парфем произведен во 2016 и некој понов batch од 2019 или 2020, не мирисаат идентично. 

Парфемистите имаат навистина тешка задача да го одржат барем истиот квалитет или мирис, но се принудени и да прават компромиси. Ако сте навикнати на парфем кој е „бомба“ од ноти во отворањето и пријатна симфонија во текот на развојот, можеби неговата понова верзија го нема истиот импакт, но сепак е извлечен максимумот од она што е дозволено да се користи.

ИМА ЛИ ПАРФЕМИСТИ КОИ УШТЕ КОРИСТАТ „ЗАБРАНЕТИ“ СОСТОЈКИ?

Исклучок од голем дел од тие правила се Niche и Indie брендовите, кои смеат да користат одредени состојки кои се начелно забранети, но само во однапред дефинирани количини. Ако земете за пример кој било Niche бренд, ќе видите дека тие имаат неколку различни мириси, кои за неискусен нос се речиси исти, но во друго пакување. 

Нивниот принцип е дека ако за една креација користеле ванила од Мадагаскар и ја потрошиле, за потоа да ја заменат со тахитиска ванила, тоа, според нив, веќе не е истиот парфем и не треба да ги „залажуваат“ лојалните клиенти. Па затоа имаме мириси кои изгледаат слично, но се во различно пакување – токму поради ограничувањето кое го имаат во однос на состојките. 

Некои брендови одат до таму што самите одгледуваат одредени растенија и прават екстракти, без да ги нарушат природните ресурси.

РЕФОРМУЛАЦИИ ОД 1 МАРТ 2022

На големо жалење, неодамна беше потврдено дека нови ограничувања стапуваат на сила од 1 март и се однесуваат на алдехидната молекула Lilial, која имитира арома на бело цвеќе, особено момината солза. Освен во парфеми, оваа состојка се користи и во козметички производи, детергенти и омекнувачи за перење. Во листите на состојки можете да го најдете како Butylphenyl Methylpropional.

Во 2019 било покажано дека производи кои ја содржат оваа состојка предизвикуваат благи алергии и создаваат ризик за дерматитис. 

Со тоа, парфеми кои ќе бидат реформулирани во блиска иднина се: Dior Diorissimo, Mugler Alien EDT, Mugler A*Men, Prada Candy Florale, Cacharel Amor Amor, Cacharel Anais Anais, Lancome Hypnose Homme, Azzaro Pour Homme, Lancome Hypnose, Armani Acqua di Gio, YSL Cinema, Cartier Pasha, Armani Code, Nautica Voyage, CK Escape for Men, како и Bottega Veneta pour homme Extreme. 

Постојат неколку заменски состојки, како што е Florosa, Nympheal, Lilflore, Dupical и Hivernal. Некои од парфемите кои веќе користат некоја од нив, како замена за Lilial се повеќе креации на Givenchy, како Organza, Amarige, Very Irresistible, Ysatis и Ange ou Demon, па ако сте забележале разлика во најновиот парфем кој го купивте, ова е причината. Dior веќе го направи тоа со Farenheit и Miss Dior EDT Originale. 

Ако користите кој било парфем на Versace или Moschino, добро е да знаете дека и тие се неодамна реформулирани, односно целокупната моментална понуда која овие брендови ја имаат.

ДРУГИ ФАКТОРИ ПОРАДИ КОИ ВАШИОТ ПАРФЕМ НЕ МИРИСА ИСТО

Реформулацијата не е единствена причина зошто парфемот кој го потрошивте завчера и новиот кој го купивте денес не се исти, иако се работи за идентично пакување. 

Кога парфемот е нов, течноста во шишенцето е во вакуум, односно не доаѓа во допир со кислород. Со првото притискање на пумпицата, вие внесувате воздух во шишенцето, за цевката да може да повлече течност. Тогаш започнува процесот на оксидација и мал дел од алкохолот од парфемот испарува, оставајќи ги внатре парфемските состојки во повисока концентрација од првичната. 

Кога сте при крај со парфемот, вие ја користите неговата „најгуста“ верзија и е последно нешто на кое се сеќавате, па затоа дури и ако купите нов, од ист batch, тие може да ви мирисаат различно на почетокот. 

Врз менувањето на мирисот може да влијаат и начините на кои го чувате парфемот. За да ја задржите неговата автентична верзија, чувајте го на суво место, неизложен на сонце. Сончевата светлина и влагата се најголеми непријатели на парфемите и ги изменуваат мирисните молекули.

ШТО МОЖЕМЕ ДА ЗАКЛУЧИМЕ ОД СЕТО ОВА?

IFRA не е асоцијација која делува самостојно и секако, нејзините препораки не важат исто на секоја територија. Тоа е една од причините зошто некој парфем кој се уште се продава во САД, веќе не се носи во Европа или зошто некои брендови имаат ексклузивни линии само во одредени синџири на парфимерии. 

Вистината е дека никој доверлив продавач не се обидува да ве измами, бидејќи производството и реформулациите не се нешто што зависи од нив. 

Добра вест е што стари варијанти се уште може да се најдат кај приватни продавачи и набавувачи, во размена или кај онлајн продавници. Што се однесува до лиценцираните парфимерии, тие се должни да ги изложат најновите batches од парфемите, соодветно на барањата на брендовите.

Препорачани производи

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА