Меѓу парфемољупците сè попопуларни се ниш-парфемите, кои најчесто, но не секогаш, се поскапи од она што го знаеме како дизајнерски парфеми. Постојат причини зошто е тоа така, но исто има и исклучоци од ова правило. На некој начин, тоа е концепт, мирисна уметност, нешто што не е наменето за широки маси и што само искусни и сериозно извежбани носеви умеат да го ценат.
Според најосновната дефиниција, ниш-парфемите се произведуваат од компании или парфемски куќи кои се посветени само на производство на парфеми. Дополнително, може да нудат и парфимирани лосиони за тело, миризливи свеќи, спреј (мист) за коса, инспирирани од нивните парфеми.
Како тоа да го опишеме со пример? Земете ги, на пример Dior. Тие покрај парфеми, во својата понуда имаат и модни колекции, луксузна козметика и модни додатоци. Значи, тие не се пример за ниш-куќа, иако имаат приватна линија на луксузни мириси кои ги следат основите на ниш-концептот. Исто така, Guerlain долго време произведувале само парфеми, но подоцна ги воведоа и козметичките линии, па за нив може да се каже дека биле ниш, но веќе не се.
Сепак, денеска и нема толку јасна дистинкција меѓу дизајнерските и ниш-парфемите, особено поради тоа што многу ниш-брендови се во сопственост на големи козметички гиганти. На пример Jo Malone London е во сопственост на Estee Lauder, а самата Џо има друга ниш-линија Jo Loves. Парфемскиот гигант Puig е сопственик на Penhaligon’s, додека пак Maison Francis Kurkdjian од 2017 е под LVMH.
Парфемските креатори креираат и за модни брендови, но и за ниш-куќи. Ситуацијата оди до таму што оние мали брендови кои самостојно произведуваат парфеми дури и се нарекуваат инди (indie) брендови. Тоа се парфемски куќи кои се раководат самите, почнувајќи од производство, па се до дистрибуција во парфимерии, но и продажба во нивните специјализирани продавници.
Сепак, она што денеска го подразбираме како ниш, според груба дефиниција и поделба, се креациите кои настанале од брендови и дизајнери кои се посветени само на олфакторни искуства, кои имаат концепт и кои имаат цел. Некои од нив се: